Отворени институции: Нови точки на сретнување за културата и граѓаните

Отворени институции
Нови точки на сретнување за културата и граѓаните

05. 05. 2011 (четврток) клуб ГЕМ,
почеток во 19.30

Весна Ќопиќ (Факултет за општествени науки, Љубљана, Словенија), Емина Вишниќ (Погон, Центар за култура и млади, Хрватска), Катја Празник (Асоцијација, Асоцијација на уметнички и културни здруженија и слободни дејци, Љубљана, Словенија), Катарина Павиќ (Хрватска), Небојша Вилиќ (професор по визуелна култура, Факултет за драмски уметности, Скопје), Златко Стевковски, директор на Младински културен центар, Скопје), Виолета Качакова (Локомотива, Скопје), Елена Велјановска (LINE initiative and movement, Скопје), Роберт Алаѓозовски (независен културен консултант), Русе Арсов (независен продуцент), Ана Франговска (директорка на мултимедијалниот центар Мала Станица – Национална Галерија), Јане Чаловски (Press to Exit), Душица Парезановиќ (независен центар REX, Белград, Србија), Филип Јовановски (АКТО, Битола), Анита Ивковиќ (Центар за современи уметности, Скопје), Никола Писаров (Центар за современи уметности, Скопје), Ивана Драгшиќ (Плоштад слобода), Ива Дујак (Театра)

Модератор
Искра Гешоска, Контрапункт, Скопје

Партнери:
Центар за независна култура и млади (Загреб)
Асоцијација, Асоцијација на уметнички и културни здруженија и слободни дејци (Љубљана)


Панел дискусијата на тема Отворени институции, која ќе се одржи на 5 мај со почеток во 19.30 часот во просториите на ГЕМ, како и последователната работилница на истата тема раководена од Емина Вишниќ (Хрватска) која ќе се одржи на 6 мај со почеток во 12.00 часот, се обид да отвориме неколку важни прашања кои се клучни за понатамошниот развој на современите практики во културата: како може да ги преобликуваме постоечките модели на културните институции, заедничките ресурси и културната јавна сфера? Како да се преобликува институционалниот парохијализам? Кои се можните решенија, формати, модели со кои јавните културни институции ќе можат да го редефинираат својот начин на дејствување и своите политики спротиставувајќи се на наездата на националниот концепт за комерцијализација на уметноста, нејзина партизација и анахрона банализација во однос на спроведување на непродуктивните и неразвојните политики од горе кон доле?

Целта на панел дискусијата е да се промовира структуиран дијалог помеѓу различни учесници во полето на културата. Тој ќе пружи можност да се сретнат граѓани кои доаѓаат од различни контексти и со различни позадини, да ги споделат искуствата и да размислат за основното прашање на проектот: како да се развијат нови типови на отворени културни институции кои ќе функционираат како интеркултурни точки на сретнување, наместо затворени, ексклузивистички места, кои учествуваат во изградба на национални (или локални) фиксирани идентитети.

Во нашиот локален контекст, јавните културни институции ги дочекаа деведесеттите со конфузни идентитетски проекти, кои ја задржаа цврстата контрола врз културниот систем. Во дваесетгодишниот период на независна Македонија, се случи парадокс – без прецизно дектектирање на потребите и без градење на јасни и прогресивни културни политики, властите задолжени за креирањето на ваквите политики го занемарија фактот дека политичките проекти на градење национални идентитети го загубија својот моментум, јавните институции се навратија на своите стари институционални политики и се најдоа уште подалеку од новиот социјален и културен развој. Воедно, почнаа да се појавуваат независни културни дејци, неформални групи и иницијативи, разни социјални движења кои до денес успеваат речиси без никаква структурна поддршка на локално и на централно ниво да креираат паралелна, бујна уметничка и културна сцена и да промовираат нови практики во социо-културниот контекст.

Со панел дискусијата и работилницата во рамките на регионалниот проект Отворени институции, би сакале да се обидеме да го провоцираме и испитуваме актуелниот институционален дизајн, истражувајќи која улога треба и можат да ја земат прогресивните културни институции, организации, простори, иницијативи и проекти низ Европа и другите места. Неговиот наслов – Отворени институции – е ехо на двојно барање: да се отворат нови форми на институции и старите институции повеќе да се отворат за нивното уметничко поле и социјален контекст. Сакаме да ги дискутираме прашањата за пристап до ресурси, институционални политики, институционална критика, социјално посредување на институции кои ќе ни овозможат да разбереме дали и на кој начин можат културните институции повторно да си го земат своето место во јавната сфера.

На 5 мај со почеток во 19.30 часот ќе се одржи јавна дискусија на која ќе учествуваат културни работници од независната културтна сцена на Македонија и регионот, претставници на јавните институции, претставници на локалната власт и независни уметници. Имаме цел од различни перспективи да отвориме важни прашања кои можеби би биле првите чекори во процесот на трансформација на политичкиот став во однос на новите културни институционални и вонинституционални практики. Воедно, целта ни е да укажеме на значењето и улогата на независната културна сцена во креирањето културни политики, како јадро низ кое се практикуваат ефикасни, современи модели на дејствување во социо-културниот контекст.

На 6 мај ќе се одржи работилница со почеток во 12.оо часот. За повеќе информации за учество, ве молиме контактирајте не на адресите:
iskra.geshoska@gmail.com
dragsic@yahoo.com